TIMOCOM транспортен барометар: Дневната понуда добива на важност поради намалувањето на капацитетите
По февруарскиот минимум и слабиот март, дали очекуваниот велигденски максимум е во опасност да стане жртва на царинската политика на Трамп?
Европскиот транспортен пазар останува неурамнотежен. TIMOCOM транспортниот барометар, кој го одразува односот на понудите со товари и со товарен простор, останува далеку над избалансираното ниво од 50:50.
По многу силниот јануари со 75% удел на товари, вредноста падна на 66% во сезонски слабиот февруари, со што ги надмина претходните години. Во март, бројката се зголеми само малку, но на 68% остана под бројката од претходната година (73%). Ова секако се должи и на фактот дека велигденските празници оваа година се дури на крајот на април. Минатата година празникот беше порано, поради што и велигденските превози започнаа порано.
Компаниите сè повеќе се потпираат на дневната понуда
Низ цела Европа, во првиот квартал имало 30% повеќе понуди со товари отколку во претходната година. Во Германија, во првиот квартал имало зголемување од 17% (јануари +46%, февруари +23%, март -4%). Значително зголемениот број на понуди со товари на дигиталниот пазар на TIMOCOM покажува дека компаниите продолжуваат во голема мера да се потпираат на дневнтата понуда. Ова се должи и на фактот што бројни шпедитери во Централна Европа, особено во Германија, ги намалија своите флоти, но сè уште мора да ги исполнуваат своите обврски според фиксните годишни договори. Се очекува овој тренд да продолжи, бидејќи подготвеноста за инвестирање е многу намалена. Според SCI Logistics Barometer, само 7% од германските компании планираат да купат возила за транспорт на долги релации. Ова не е изненадувачки со оглед на стагнирачката економија и лошите прогнози.
Развојот во Австрија е малку подобар отколку во Германија
Развојот на побарувачката за транспорт во Австрија е паралелен со оној во Германија, но со повисок процент на зголемување, слично на економската состојба во двете земји. Во Австрија, вкупно 24% повеќе понуди со товари беа поставени во првиот квартал од 2025 година отколку во првиот квартал од 2024 година. Во првите два месеци имаше значително зголемување во споредба со претходната година (јануари +72%, февруари +34%), но во март имаше мало намалување од 4% во споредба со 2024 година. И овде, како причина може да се земе подоцното датумирање на велигденските празници. Германија останува на чело кога станува збор за земјите одредишни пратки од Австрија, по што следуваат Италија и домашниот австриски транспорт. Кога станува збор за понуди со товари од Германија, транспортот до Австрија е на трето место, веднаш зад Франција и Полска, а пред Италија.

32% помалку понуди со товарен простор отколку пред две години
Иако понудите за достапен товарен простор беа само малку под нивото од претходната година во првиот квартал, вредностите паднаа за 32% во споредба со 2023 година. „Поради големата побарувачка за товарен простор, се чини дека превозниците се доволно искористени и немаат потреба активно да го нудат својот расположив капацитет на пазарот“, известува Гунар Гбурек, раководител на одделот за деловни работи во TIMOCOM. „Сепак, сè уште има релации каде што уделот на понуди со товари е далеку под 50% и тешко е да се најдат соодветни повратни товари.“ На пример, има значително помалку транспортни налози од Романија до Германија отколку обратно.“
Подеми и падови во понудите и предлозите со цени
Во првиот квартал од 2025 година, понудените цени за стандарден транспорт флуктуираа, на пр. со таутлајнери или церади. На меѓународните линии на долги релации во Европа, неделниот просек се движеше помеѓу 1,34 евра/км и 1,55 евра/км, а во Германија помеѓу 1,46 евра/км и 1,76 евра/км. Спротивно на тоа, транспортните компании понудија ценовни предлози од 1,53 евра/км до 1,86 евра/км во Германија и од 1,38 евра/км до 1,54 евра/км низ цела Европа. Во текот на времето, цената се формираше според побарувачката и потребите за транспорт: По кварталните најниски нивоа во февруари, овие повторно малку се зголемија во март. На врвот, цените на превозот во Германија беа до 10% повисоки отколку во претходната година и до 8,4% повисоки низ цела Европа.
Ако ги земеме просечните ценовни опсези во Европа, понудените цени на понудите со товари од ~1,44 €/км се само околу 2 центи под просечните ценовни предлози на превозниците од ~1,46 €/км. Додека во Германија е речиси 8 центи (~1,61 €/км наспроти ~1,69 €/км). „Дури и ако цените што се земаат предвид овде не мора нужно да одговараат на реално договорените цени за транспорт, јасно е дека нивото на цените во Германија е значително повисоко од европскиот просек“, вели Гунар Гбурек од TIMOCOM, анализирајќи ги податоците.
Перспективата е неизвесна поради непредвидливи фактори
Во Еврозоната, економскиот развој во 2025 година се карактеризира со различни стапки на раст во поединечните земји и покажува позитивен тренд за Европа како целина. Во Германија, прогнозите се многу претпазливи и повеќе укажуваат на стагнација отколку на раст, како што е случајот во Австрија. Тука, падот на производството е исто толку сериозен како во Ковид-2020 година; а покрај индустријата, најмногу страдаат градежништвото и туризмот.
Сепак, со оглед на тековните дискусии за тарифите, економските податоци за цела Европа сè уште би можеле значително да се променат. Според анализата на Институтот ifo, новите реципрочни американски царини на претседателот Трамп веројатно би го намалиле извозот на Германија во САД за 2,4% доколку ЕУ не преземе контрамерки. „Особено во Германија и Австрија, каде што извозот игра особено важна улога, последиците не се предвидливи“, вели Гунар Гбурек. „За нас, ова значи дека ја поставивме прогнозата за развојот на транспортниот барометар под вредностите од претходната година.“
Експертите за логистика заземаат сличен став во својот годишен извештај, во кој сè уште не можеа да се земат предвид сите царински најави. Во нивната прогноза, експертите во логистичкиот сектор очекуваат номинален раст од 1,3% за 2025 година, но во реални услови тој ќе се намали за 0,1%. Трговските партнери како што се САД и Кина би продолжиле да губат важност, а европските и глобалните економии би се развивале подобро во иднина.
Mожеби и ова би ве интересирало: